Спогодбата за заштита на посетители, која на 28.04.2016г., во Белград, беше потпишана помеѓу Здружение на осигурувачи на Р.Србија и Национално биро за осигурување на Р.Македонија, им овозможува на возачите од двете држави побрз и поефикасен надомест на штета, во случај на евентуални сообраќајни незгоди.


Со Спогодбата е предвидено оштетеното лице, кое претрпело штета на територијата на другата држава, по враќање во матичната држава, да се обрати во своето Национално биро за осигурување, кое во соработка со Бирото на државата во која се случила незгодата, ќе овозможи побрзо собирање на документи и информации потребни за остварување на правата за надомест на штета.

Конкретно, Бирото за зелена карта од државата од која е оштетеното лице, ќе достави до Бирото на државата на настанување на незгодата, барање да се:
  • - изврши идентификација на осигурителното друштво на причинителот на штета,
  • - изврши идентификација на возачот или сопственикот на возилото на причинителот на штета, доколку во период од 6 недели не било можно да се утврди осигурувачот,
  • - да се обезбедат документи кои се неопходни или помагаат во остварување на правото на надомест ( на пр. полициски записник) и
  • - да се достават детали за гарантниот фонд на земјата каде што се случила незгодата со, секогаш кога е тоа можно, објаснувања и корисни информации.

Спогодбата за заштита на посетители е така креирана да им пружи на државите надвор од ЕУ можност да обезбедат дополнителна заштита и помош на своите граѓани кои со моторни возила патуваат на територија на други држави. Спогодбата се потпира на најдобрите одредби од 4-та и 5-та Директива за моторни возила на ЕУ, кои се впрочем познати по тоа што се, во најголема мера, посветени на заштита на трети оштетени лица. Се смета дека овој механизам е најблизок модел кој постои за државите на ЕУ и дека потпишувањето на овој документ е добар начин државите кои се надвор од ЕУ да се подготват за пристап кон Унијата, во делот на преку-граничниот сообраќај на моторни возила.

Потпишаната Спогодба претставува големо олеснување за возачите од двете држави, бидејќи веќе нема да мораат да ги нарушуваат или одлагаат своите деловни или туристички планови, за да ја наплатат штетата. Во иднина, тие ќе можат правото на надомест да го остварат и по враќањето во матичната држава, со помош и асистенција на националните бироа. Покрај тоа што претставува исчекор во заштитата на граѓани, осигурителните друштва и возачите, Спогодбата дополнително ќе ја унапреди и соработката помеѓу двете држави, преку унапредување на транзитот, туризмот и прометот помеѓу Р.Србија и Р.Македонија.

Спогодбата ја потпиша генералниот секретар на Здружение на осигурувачи на Р.Србија, Душко Јовановиќ и генералниот директор на Националното биро на Р.Македонија, Трајче Латиновски.

Спогодба за заштита на посетители Националното биро за осигурување на Р.Македонија има, исто така, потпишано и со Националните бироа на Р. Грција, Турција, Словенија, Швајцарија, БиХ и Црна Гора.

Националното биро за осигурување на Р.Македонија планира, во името на осигурителните компании од Р.Македонија, до крајот на 2016 г., да потпише ваков вид на Спогодба уште со Националните бироа на Р.Хрватска и Р. Бугарија, со што би се заокружил овој процес со државите од регионот.


Национално биро за осигурување