На 30-ти октомври 2014 година во хотел „Холидеј Ин“, со почеток во 11.00ч, Националното биро за осигурување на Република Македонија одбележа 20 години од своето основање и работење.

По тој повод, на свеченоста присуствуваа претставници од министерствата и институциите на Владата на Р.Македонија, претставници од Советот на Бироа во Брисел, од Националните Бироа за осигурување од регионот, претставници од осигурителните друштва, како и други финансиски институции.

Во церемонијалниот дел, свој поздравен говор имаше генералниот директор на Националното биро за осигурување, г-н Трајче Латиновски, кој ги поздрави сите присатни и се осврна на досегашната работа на Бирото и на зацртаните стратегии и мерки за работа во иднина.

Националното биро за осигурување ја имаше честа на одбележувањето на 20 годишнината од неговото основање, со свој поздравен говор да се обрати и генералниот секретар на Советот на Бироа од Брисел, г-ѓа Грет Флоре, која ја истакна добрата соработка со нашето Биро, неговата вклученост во следењето на сите процеси и новини во Системот на зелена карта, почитувајќи ги одредбите од Внатрешните регулативи, одржување на финансиската стабилност на Системот, и др. Таа истакна дека очекува со новите стратегии во работењето кои ги презема новата менаџерска структура на Бирото, поголема ефикасност и напредок на Бирото.
На свеченоста по повод 20 годишнината од основањето на Бирото беа доделени плакети за долгогодишна успешна соработка на Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Советот на Бироа од Брисел, Националните бироа на осигурувачите на моторни возила на Грција, Турција, Хрватска, Словенија, како и на г-ѓа Лепосава Гелевска, заменик директор во Националното биро за осигурување.



Во име на сите наградени се заблагодари г-н Хрвоје Пауковиќ, директор на Хрватското биро за осигурување.

Јубилејот на Националното биро за осигурување беше убава можност да се промовира, за прв пат во Р.Македонија, часопсиот за осигурување „МК Осигурување“. Уредничката на часописот, г-ѓа Мирјана Поп Талеска, претставувајќи го часописот, истакна дека овој прв број е посветен на јубилејот на НБО, и ги повика сите кои се дел од дејноста осигурување, интерактивно да учествуваат.

И работниот дел на прославата, кој следеше по свечениот дел, не беше помалку интересен. Тој опфати три тркалезни маси, односно три презентации од еминентни експерти од областа на осигурувањето. Г-н Маријан Ќурковиќ се осврна на либерализација на цената на осигурувањето од автомобилска одговорност и предизвиците во Р.Хрватска, додека г-н Хрвоје Пауковиќ, директор на хрватското биро за осигурување, ја опфати темата околу проблемот со неосигурени возила во Р.Хрватска и со кои преземени мерки истиот се надминува. Генералниот директор на Националното биро за осигурување на Р.Македонија, г-н Трајче Латиновски, во својата презентација ја претстави статистиката на неосигурени возила изразена преку Гарантниот фонд на Бирото.

Материјалите од конференцијата се во продолжение.



Во 16.30 ч. манифестацијата заврши.


Скопје, 05.11.2014 г.
File TypeSizeFile Name
application/vnd.openxmlformats-officedocument.presentationml.presentation 102 KB TrajceLatinovskieng.pptx
application/vnd.openxmlformats-officedocument.presentationml.presentation 137 KB NIB_MK_2014.pptx
application/vnd.openxmlformats-officedocument.presentationml.presentation 5,002 KB Neosigurani - HP - MakedonijaPaukovic.pptx
application/vnd.ms-powerpoint 1,180 KB T Korbar - MK- October 2014.ppt