На 9-ти октомври 2015 г. во Сараево, БиХ, се одржа 19-та седница на Националните бироа од Југоисточната група при Советот на Бироа.
По свеченото отворање од страна на г-ѓа Самира Зијадиќ, директор на Бирото за зелена карта на БиХ, свои извештаи од учеството во Управниот одбор, Одборот за општи одредби, Одборот за посебни одредби, Одборот за мониторинг, како и Одборот за прием, поднесоа претставниците во истите.
Повторно беше разгледано прашањето околу имплементација на чл.3 и чл.5 од Внатрешните Регулативи (Критскиот Договор), односно скратување на временскиот рок за исплати на меѓународни штети од два на еден месец. Наведениот предлог сеуште ќе биде даден на разгледување и свои становишта ќе изнесе секоја регионална група при Советот на Бироа.
Во подготовка од страна на Работната група за информатичка технологија е платформата на веб страницата на Советот на Бироа за еднообразни барања и потврди за осигурително покритие.
За финансиските последици од ликвидацијата на романското осигурително друштво АСТРА говореше генералниот секретар на наведеното Биро. Беше истакнато дека ќе бидат вложени сите напори од нивна страна за последиците од стечајот да бидат што помали.
На средбата уште еднаш беше истакнато дека Координациониот одбор на Советот на Бироа одлучи да ја поддржи иницијативата на Работната група за измами, односно да се утврди мрежа на лица за борба против измами која врз редовна основа на заеднички средби ќе ги разменува најдобрите практики од борбата против овој вид измами.
Бирото на осигурувачите на моторни возила на Грција е во подготовка на потпишување на Меморандумот за разбирање со Косово, кој нашето Биро го има потпишано уште во 2002 г. а од неодамна го потпиша и Бирото за зелена карта на Србија, кое го изнесе своето позитивно искуство за досегашната примена на истиот. Претставниците од Бирото на Грција изнесоа најнови информации за имплементацијата на контролите на капиталот во Грција и истакнаа дека засега работите се одвиваат во добра насока во однос на навремена исплата на меѓународните штети.
Новопримената членка во Советот на Бироа, Азербејџан, која официјално ќе стане 47 членка на Советот на Бироа на 1 јануари 2016 г., го претстави пазарот за осигурување од автомобилска одговорност во рамките на нивната држава.
Следната седница на регионалната група на Југоисточна Европа ќе се одржи во Софија, Р.Бугарија.
Национално биро за осигурување на Р.Македонија