На 14.10.2016г., во Скопје, беше потпишан Договор за заштита на посетители помеѓу Национално биро за осигурување на Р.Македонија и Хрватско биро за осигурување. Овој Договор им овозможува на граѓаните од двете држави побрз и поефикасен надомест на штета, во случај на евентуални сообраќајни незгоди.

Со Договорот е предвидено оштетеното лице од Р.М., кое претрпело штета на територијата на другата држава, по враќање во матичната држава, да се обрати во своето Национално биро за осигурување, кое во соработка со Бирото на државата во која се случила незгодата, ќе овозможи побрзо обезбедување на документи и информации потребни за остварување на правата за надомест на штета.

Конкретно, Бирото за зелена карта од државата од која е оштетеното лице, ќе достави до Бирото на државата на настанување на незгодата, барање да се:

· изврши идентификација на осигурителното друштво на причинителот на штета,


· изврши идентификација на возачот или сопственикот на возилото на причинителот на штета, доколку во период од 6 недели не било можно да се утврди осигурувачот,

· да се обезбедат документи кои се неопходни или помагаат во остварување на правото на надомест (на пр. полициски записник) и

· да се достават деталји за Гарантниот фонд на земјата каде што се случила незгодата со, секогаш кога е тоа можно, објаснувања и корисни информации.

Договорот за заштита на посетители е така креиран да им пружи на државите, кои се надвор од ЕУ, можност да обезбедат дополнителна заштита и помош на своите граѓани кои со моторни возила патуваат на територија на други држави. Се смета дека овој механизам е најблизок модел кој постои за државите на ЕУ и дека потпишувањето на овој документ е добар начин државите кои се надвор од ЕУ да се подготват за пристап кон Унијата, во делот на преку-граничниот сообраќај на моторни возила.

Потпишаниот Договор претставува големо олеснување на граѓаните од двете држави, бидејќи веќе нема да мораат да ги нарушуваат или одлагаат своите деловни или туристички планови, за да ја наплатат штетата. Во иднина, тие ќе можат правото на надомест да го остварат и по враќањето во матичната држава, со помош и асистенција на Националното биро за осигурување на Р.М.

Со потпишување на овој Договор, граѓаните на Р.М., кои поседуваат зелен картон од било која осигурителна компанија во Р.М., во Скопје добиваат дополнителна услуга во случај на настанување на сообраќајна незгода на територијата на државите со кои Националното биро за осигурување на Р.Македонија има склучено вакви договори.

Договорот го потпиша генералниот директор на Националното биро за осигурување на Р.Македонија, г-н Трајче Латиновски, и директорот на Хрватско биро за осигурување, г-н Хрвоје Пауковиќ.

Национално биро за осигурување на Р. Македонија